„Ги повикувам сите колеги, реално да размислат за вистинските опасности за земјата, за рамнотежите во регионот, да го прифатат овој закон кој ги имплементира нашите национални интереси, што ја надградува и стабилизира улогата на нашата земја во поширокиот регион на Балканот и во Источниот Медитеран“, рече Тоскас на денешната седница каде треба да биде ратификуван протоколот за членство на Македонија во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина, Сања Ристовска.
Никос Тоскас ги повика пратениците да размислат што би значело доколку соседната земја не стане членка на НАТО, како можни последици спомена дестабилизација на регионот, поле за решавање на разликите меѓу големите сили, земја поделена меѓу можна Голема Албанија и Голема Бугарија, работи кои како што рече, не се во интерес на Грција.