Политичката партија Левица денеска до ОЈО Охрид поднесе иницијатива за забрана за работа на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“
Тие велат дека како политичка партија и глас на народот секогаш реагираат и дејствуваат кога е во прашање македонската посебност и антифашистичката историја.
„Како што беше поднесена иницијатива за забрана на здружението „Иван Михајлов“ во Битола, така и поднесовме и иницијатива за забрана на новоотвореното Здружение „Цар Борис III“ до ОЈО Охрид. Очекуваме реакција од Јавното обвинителство и останатите државни органи за постапување и спречување на овој опасен тренд на наметнување и воздигнување на докажани фашистички дејци и државници на окупаторски држави, за кое реагираше и еврејската заедница во Македонија“, велат од таму.
Тие повикуваат и на протест за, како што велат, против уривање на уставниот и државен поредок и против разгорувањето на национална омраза.
„Сепак, поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза!Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата! На 7-ми октомври (петок) со почеток од 11 и 30 часот на улица „Македонски Просветители“, пред ТЦ Амам – Охрид, да се мобилизираме и да го искажеме нашиот антифашистички порив. Не за бугарскиот Хитлер!Смрт за фашизмот, слобода на народот!“, велат од Левица.