Мора да ја знаеме и да ја почитуваме историјата за да ја знаеме иднината, а почитта за 11 Октомври и почетокот на народното, победоносно востание е токму тоа, порачаа од прилепскиот Сојуз на борци при денешното одбележување на празникот – „11 Октомври“, Денот на почетокот на народното востание.
Рубин Белчески, член на претседателството на прилепскиот Сојуз на борци рече дека народното востание од 11 Октомври е победоносното по многуте востанија на борбените македонски генерации.
– Народното востание од 11 Октомври 41-та е првото победоносно од сите борби и востанија на македонските револуционерни генерации. Преку него, АСНОМ и Третиот Илинден – Независноста од 91-та, се создаде македонската држава. Почтиувањето на минатото не е само изрека, туку е основа за иднината. Мора да ја почитуваме историјата, да ги почитуваме борците од бројните генерации за да имаме јасна иднина, рече Белчески.
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески изјави дека Прилеп е горд на улогата што ја имал во народното востание и борбата против фашистичкиот окупатор. Посочи дека „11 Октомври“ е светла точка во нашата историја и празникот значи почит за хероите. Потенцира дека потребна е сплотеност во овие турболентни времиња.
– Прилеп е градот кој пред 81 година фо означи почетокот на народното востание за конечното ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор. За жал, изминатите години поминавме исклучително тежок период. Сега сме соочени и со економска криза. Затоа мора заедно да се избориме со сите предизвици, рече Јовчески.
Бројни делегации им оддадоа почит на загинатите борци и дејци. Делегации на Владата, предводена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, од кабинетот на Претседателот, од АРМ, од Собранието, од прилепската локална самоуправа, од политичките партии и здруженија, положија венци и свежи цвеќиња пред споменикот на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, пред споменикот на идеологот на Народната револуција Кузман Јосифоски Питу, пред меморијалниот музеј 11 Октомври, во алејата на народните херои, каде се бистите на 10-те загинати во НОБ и револуцијата и на Могилата на непобедените каде се моштите на загинатите прилепски борци.