СДСМ е државотворна партија, секогаш била е и ќе биде на вистинската страна на историјата, сега со нови предизвици, политичка борба за членство во ЕУ, порача од денешниот пикник од пред Спомен костурницата од Куманово, претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски. Зборувајќи пред членовите, симпатизерите на СДСМ и граѓаните, Ковачевски истакна дека СДСМ почива на вредностите на НОВ.
– Народноослободителната војна и антифашизмот го трасираа нашиот пат, за слобода и за создавање македонска држава, за остварување на вековниот сон на многу генерации. На борбата против антифашизмот и херојството на нашите предци поставени се темелите на нашата државност и на македонската држава, рече Ковачевски.
Тој истакна дека благодарение на борците, сега живееме во модерна и демократска држава. Повикувајќи ги кумановци, кажа дека можат да бидат горди, бидејќи оттука и од Прилеп почнува НОБ. Зборувајќи за СДСМ, кажа дека партијата е вградена во темелите на државноста, осврнувајќи се на мудроста на првиот претседател на државата Киро Глигоров, денес државата работи на остварување на стратешкиот интерес, полноправно членство во ЕУ како како Македонци кои говорат македонски јазик, и остварување на стратешкиот интерес.
– Процесот е во тек, почнавме преговори со ЕУ и наше е да го завршиме докрај и да станеме полноправна членка на ЕУ, да не дозволиме деструктивните сили кои сакаат да ја закочат земјата и да не вратат назад во некое мрачно минато да успеат. Истите тие кои со години го валкаа делото на партизаните, пред 10 години им ги одзедоа просториите на сојузот на борците, аплаудираа на погрешни личности од историјата рече во говорот Ковачевски и истакна дека тие не можат да ја определуваат иднината на државата.
Ова е заедничка политичка борба на сите етнички заедници и граѓани, рече Ковачевски и го потенцираше членството во НАТО кое е резултат на работата на премиерите на СДСМ, Црвенковски, Бучковски, Шекеринска, Заев.
Во говорот рече дека визија на СДСМ и на Владата е децениската определба државата да стане составен дел од ЕУ.
– Јас, Димитар Ковачевски ја предводам оваа партија и оваа проевропска коалиција и решен сум заедно со вас да ја оствариме оваа цел до 2030-тата година. Немам дилема дека ќе успееме рече Ковачевски.
Тој рече дека се посветени и дека подаваат рака секому да се вклучи во процесот што ќе ја заокружи европската иднина на државата, што е највисока форма на патриотизам. Во државата, истакна има два концепти, прогресивен, вториот е на минатата власт, денешна опозиција за која рече дека само декларативно се за членство во НАТО и ЕУ.
– Ниту една одлука досега не поддржале, единствено што сакаат е граѓаните да ги направат горди, ама горди да седат изолирани на мала маса, сами дома како што седеа 11 години раскарани внатре, раскарани со соседите и надвор од масата во Брисел во ЕУ, другиот концепт е европска Македонија со крената глава, со македонски јази, заштитен македонски идентитет како Македонци да одиме напред и да преговараме со ЕУ на големата маса за полноправно членство во Унијата, рече Ковачевски.
Тој рече дека патот не е лесен и треба да се носат одлуки за идните генерации, за поубав животен стандард, тука како членка на ЕУ, да не заминуваат. Ковачевски рече дека патриотизам е кога македонскиот јазик е еднаков со останатите на Унијата, кога во економска и енергетска криза, граѓаните да имаат повисоки плати и пензии, помош за ранливите категории, поддршка за компаниите за ликвидност.
СДСМ како државотворна партија ги штити интересите на граѓаните, рече Ковачевски и рече дека претстои тешка зима, но дека целосно се подготвени за справување со предизвиците. Пред кумановци, тој додаде дека се преземени ефикасни чекори за побрзо надминување на последиците, помала штета за граѓаните и економијата.
– СДСМ уште еднаш ќе покаже како се работи чесно и договорно за државата, за граѓаните. Предизвиците заеднички ќе ги надминеме, рече Ковачевски.
Пред присутните се обрати и претседателот на кумановскиот огранок, Александар Тушевски, кој изјави дека дека во Куманово ќе се врати бастионот и ќе се потврди борбеноста на кумановци кои и во минатото покажале дека секогаш се на вистинската страна.
– Куманово никогаш не дозволи режимска власт да ги уништи вредностите градени со години, заедништво, толеранција, напредок, демократија, рече Тушевски, кој ги повика членовите заеднички да ја вратат на пиедесталот социјалдемократијата во Куманово.