Министерството за надворешни работи, утре и задутре (13 – 14 октомври 2022 год.) ја одржува втората меѓународна конференција „Жените во надворешната политика“. Конференцијата е под покровителство на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а домаќин ќе биде заменик-министерката за надворешни работи на Република Северна Македонија, Фатмире Исаки.
Овогодинешната конференција ќе се осврне на теми како вклученоста на жените во меѓународните односи, нивната улога во креирањето политики, водењето преговори, справувањето со конфликти и обезбедувањето одржлив мир. Целта на конференцијата е да се споделат искуства поврзани со постигнувањето на целосно репрезентативен кадар преку вклучување на родовиот аспект во полето на надворешната политика.
На настанот се очекува да присуствуваат поголем број државни функционери, истакнати личности од политичката фела и од експертската јавност, дипломати од регионот и пошироко како и претставници на младински организации во земјата. Преку споделување на нивните искуства, учесниците ќе ја зајакнат ЗБ6 Мрежата на жени во надворешна политика, која во иднина ќе биде отворена за соработка и со други меѓународни мрежи.