Обвинителката Вилма Русковска за Телма посочи дека истражителите ги побарале мобилните телефони на директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, на што тој кажал дека ги изгубил.
„Имаше наредба за личен претрес на Арафат Муареми, односно за одземање на неговите мобилни телефони. Кога истражителите отидоа во Финансиската полиција, тој не беше на работа. Потоа му се јавија да дојде и да ги донесе мобилните телефони, но ги немаше. Кога го прашаа каде се, одговори дека ги изгубил или не знае каде се. Земен е лаптоп и не се сеќавам уште што и направен е список на предмети кои треба да ни бидат доставени“, вели Русковска.
Против Муареми, како што истакна Русковска, била поднесена анонимна кривична пријава за што Обвинителството морало да го земе предметот за да изврши проверка на наводите.