На северот на Косово ситуацијата е мирна, соопшти косовската полиција, а пренесе Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ветон Елшани од косовската полиција за овој медиум изјави дека состојбата на север е стабилна и дека полициски службеници се уште престојуваат во близина на зградите на општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Тој исто така додаде дека во текот на ноќта немало никакви инциденти.
Според РСЕ, горенаведените општини се населени со мнозинско српско население кое се обидело да ги спречи новоизбраните градоначалници да влезат во нивните канцеларии на 26 мај. Српското население во Косово ги бојкотираше локалните избори на 23 април и сега не прифаќа градоначалници избрани од албанската заедница.
Градоначалниците положија заклетва на 26 мај, а еден ден подоцна со асистенција на косовската полиција влегоа во општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, што предизвика незадоволство кај локалното српско население и во еден момент конфликт со полицијата.
Властите во Косово ја бранеа својата одлука да им дозволат на новите градоначалници на северот да влезат во нивните канцеларии, меѓутоа, според Радио Слободна Европа, меѓународен фактор тоа го опиша како „присилен влез“, осудувајќи ги потезите на Приштина.
Соединетите Американски Држави побараа од Владата на Косово да се воздржи од „други дејствија кои би можеле да ги зголемат тензиите и да промовираат насилство“, а американскиот државен секретар Антони Блинкен предупреди дека овие активности ќе имаат последици во билатералните односи меѓу САД и Косово.
Постапките на Косово ги осуди и Европската унија, додека НАТО побара од двете страни споровите да ги решаваат со дијалог.
Србија ја подигна борбената готовност на своите сили на највисоко ниво по немирите на северот, а Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, побара од Белград да го прекине дијалогот со Приштина, кој го посредува Брисел, соопшти РСЕ.