Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Битола, до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Пријавата е затоа што не ги потпишал одлуките од 27 седница на Советот кога беа изгласани разрешувања на членовите на управните и надзорните одбори во шест битолски јавни претпријатија.
„На 27 седница на Советот на Општина Битола беа донесени одлуки-заклучоци за разрешување на членови на управни и надзорни одбори на шест јавни претпријатија во Битола. Истите тие заклучоци, претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, ги потпиша и достави до градоначалникот Тони Коњановски, согласно предвидениот рок. Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, согласно Законот за локална самоуправа, член 51, е должен во рок од 7 дена, да донесе решение со кое или ќе ги прифати и објави во “Службен гласник” или ќе донесе решение со кое ќе го запре објавувањето на заклучоците-одлуките и решенијата да ги достави на повторно одлучување во Советот. Измина рокот од 7 дена предвиден со Законот за локална самоуправа во кој градоначалникот бил должен да постапи или на едниот или на другиот начин, а тој тоа не го сторил. Напротив, поминати се 20 дена со што истиот, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, го прекршил Законот за локална самоуправа член 51, со што сторил кривично дело од член 353 од Кривичниот законик“- стои во кривичната пријава што советниците од СДСМ ја доставија до ОЈО Битола.