Сите земји од Западен Балкан сè уште имаат проблеми со корупцијата, која е пречка за директните странски инвестиции, се вели во извештајот за Инвестициската клима што денеска го објави Стејт департментот.
Во последните години, инвестициската клима во Србија е „скромно“ подобрена, иако, како што се наведува, загрижува големото политичко влијание врз економијата, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Скромното“ подобрување на инвестициската клима во Србија беше поттикнато од макроекономските реформи, финансиската стабилност и фискалната дисциплина, се вели во документот на Стејт департментот.
Исто така, се оценува дека привлекувањето странски инвестиции е важен приоритет за владата на Србија.
„Американските инвеститори генерално се позитивни за водење бизнис во Србија поради стратешката локација на земјата, добро образованата работна сила што зборува англиски, како и инвестициските стимулации и договорите за слободна трговија со ЕУ и другите клучни пазари“, се наведува во извештајот.
Како што беше наведено, сè уште има предизвици во областа на бирократските одложувања, корупцијата и неефикасната правда, а загрижува политичкото влијание врз економијата.
Во 2021 година, Соединетите Американски Држави и Србија потпишаа Договор за промоција на инвестициите што овозможи гарантна шема за банкарски заеми на мали и средни претпријатија.
Говорејќи за Косово, се наведува дека спорот со Белград и корупцијата се најголемата пречка за привлекување инвестиции.
Во него се наведуваат и голем број помали прашања кои го ограничуваат потенцијалот за привлекување странски директни инвестиции, вклучувајќи ограничена регионална и глобална економска интеграција, политичко мешање во економијата и судството, несигурно снабдување со енергија, корупција и слабо владеење на правото.
Корупцијата во Црна Гора е најраспространета во секторот за јавни набавки, додека сложените институционални, политички и територијални структури на Босна и Херцеговина (БиХ) ја комплицираат економската клима во земјата и ги одвраќаат странските инвеститори, се вели во извештајот.
Владата на Северна Македонија генерално го спроведува законот, но има бројни извештаи за корумпирани функционери.