Македонската химна „Денес над Македонија се раѓа…“ никогаш нема да биде отпеана од устата на Албанец.
Вака уверуваат опозициските албански партии кои не само што не го осудуваат веењето на знамето со карта на Голема Албанија на собир во Тетово, туку и тврдат дека истото почесто ќе се гледа на собирите, затоа што државните симболи односно симболите на државата во која се родени не ги чувствуваат како свои.
Орхан Муртезани од „Алтернатива“ денеска порача дека ако има некој граѓанин Македонец кој верува дека Албанците некогаш и некаде ќе ја отпеат националната химна „Денес над Македонија се раѓа“, тој си има сериозни проблеми со перцепцијата на реалноста.
„Додека оваа држава не ја разбира мултиетничката реалност – туку инсистира на моноетнички македонски државни симболи, тоа никогаш нема да се случи. По однос на албанскиот идентитет во Македонија треба да не сфатите дека се додека системот Албанците во Македонија ги гледа како проценти таквите појави можат да бидат предмет и во иднина, и се додека тоа е реалност ние ќе бидеме приморани тоа да го искажеме како револт“, порача Муртезани.