Во тек се активности за ставање под контрола на пожарот што избувна вчера попладне над село Горно Врановци, а можеби ќе има потреба и од хеликоптерска интервенција.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов денеска беше дел од хеликоптерско извидување на пожарот на планината Јакупица на просторот меѓу Чашка и Богомила, соопштија од ЦУК.
-Во текот на доцните попладневни часови во вчерашниот ден, пријавен е пожар над село Горно Врановци, општина Чашка. Пожарот е сериозен, гори трева, но, веќе на некои места е навлезен во шума. Можеби ќе има потреба од дополнителна хеликоптерска интервенција, изјави Ангелов.
Тој додава дека екипа на ЈП „Национални шуми“ се обидува да воспостави контрола.
Поради зголемена опасност од навлегување на пожарот во квалитетна букова шума, за неколку минути кон пожарот над с. Горно Врановце, Општина Чашка, ќе полета хеликоптер на МВР со големо ведро од 3 тона.
Се работи за пожар на поголема надморска височина од над 1.200 метри.