Одлуката за гласање на Резолуцијата на ОН не беше лесна. Одлучивме да гласаме воздржано затоа што резолуцијата ги адресира хуманитарните прашања со што се согласуваме и ги поддржуваме, но не и терористичкиот акт што Хамас го направи на 7 октомври, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
-Северна Македонија го поддржува хуманитарниот аспект на Јорданската резолуција, непходноста од заштита на цивилите и нивен пристап до основните животни потреби – струја, вода и лекови. Од друга страна, голема слабост на резолуцијата е неспомнувањето на терористичкиот акт на Хамас од 7 октомври кој ние веднаш најостро го осудивме, како и правото на Израел да се брани. Затоа и гласавме за канадскиот амандман на резолуцијата. Одлуката за гласање не беше лесна. Одлучивме да гласаме воздржано затоа што резолуцијата од една страна ги адресира хуманитарните прашања со што се согласуваме и ги поддржуваме, но отсуството на спомнувањето на она што Хамас го направи на 7 октомври не остава простор за поинаков пристап во однос на гласањето. Во секој случај треба да продолжат активностите на меѓународната заедница во обезбедување на долгорочен мир и стабилност на Блискиот Исток. Воедно, ве повикувам да ги погледнете гласањата на финалната резолуција и на канадскиот амандман којшто беше поднесен со цел резолуцијата да биде комплетна, меѓутоа којшто не беше прифатен пред финалното гласање на резолуцијата и затоа голем број држави постапија така како што постапи и нашата држава, рече премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференциај со претседателката на ЕК Фон дер Лајен прашан да ја појасни одлуката на Владата да гласа воздржано за резолуцијата на ОН во врска со ситуацијата во Газа.