Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика своите сонародници да се бранат од „неподносливото“ оживување на „нескротливиот“ антисемитизам во контекст на растечкиот бран на омраза против Евреите во земјата, јави ДПА. Агенцијата се повика на отвореното писмо на шефот на државата, објавено во Паризиен. Во него, Макрон вели дека Франција од која се плашат нејзините еврејски граѓани не е вистинска Франција.
„Оваа Франција, во која Французите чувствуваат страв поради религијата што ја практикуваат и поради нивното потекло, не е Франција“, се вели во писмото на претседателот. Во него Макрон предупредува на можна поделба на општеството. „Во нашата историја, антисемитизмот секогаш најавуваше омраза од различна природа и расизам“, напиша тој.
Во врска со војната во Појасот Газа, Макрон изјави дека Франција сака правда, мир и безбедност за Израелците, за Палестинците и за сите земји во нивниот регион.
Според него, за еден месец во Франција имало повеќе од илјада манифестации на антисемитизам – три пати повеќе од актите на омраза против граѓаните на земјата со еврејско потекло во текот на целата минатата година.
Отвореното писмо е објавено во пресрет на масовниот протестен собир против антисемитизмот закажан за денеска во Париз. Макрон нема намера да учествува на демонстрациите, кои ги иницираа политичките личности кои ги предводат двата дома на францускиот парламент – претседателот на Сенатот (Горниот дом) Жерар Ларше и претседателот на Националното собрание (долниот дом) Јаел Брон. -Пивет.