Македонија

Македонските фудбалери вечерва против Италија во евроквалификациите

Македонските фудбалери вечерва против Италија во евроквалификациите

Македонската фудбалска репрезентација денеска на гостински терен против Италија ќе го одигра претпоследниот натпревар во групата Ц во квалификациите за пласман на ЕУРО 2024.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски со поразот од Украина (0-2) минатиот месец во Прага ги загубија шансите втор пат едноподруго да играат на континенталниот собир, но и покрај тоа нема да им недостасуваат мотиви за позитивен резултат во дуелот против актуелниот европски првак вечерва од 20:45 часот на Олимпискиот стадион во Рим.

– Не сме дојдени како туристи, туку да извлечеме што е можно повеќе. Секој натпревар е посебна приказна за себе. И овој што не очекува е посебен. Сам по себе носи убавина, но и тежина. Ние сме туку да го дадеме најдоброто од нас. Немаме резултатски императив, но секогаш кога настапувате за својата држава мора да дадете се од себе. Ривалот ни е од топ 3 во светот, ама ние покажавме дека со нив можеме да се носиме, изјави селекторот Милевски на вчерашната официјална прес-конференција.

Македонските фудбалери во првиот дуел против италијанската репрезентација во овој квалификациски циклус одиграа нерешено 1-1 во септември во Скопје, а последниот пат кога гостуваа во Италија дојдоа до сензационалната победа (1-0) во март лани во Палермо во полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство 2022.

Со седум бодови од шест натпревари македонската репрезентација е четвртопласирана во групата Ц пред двата завршни дуели, вечерва против Италија и в понеделник во Скопје против лидерот во групата Англија, од која на гостувањето во Лондон во јуни претрпеа пораз од 0-7.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни