ВМРО-ДПМНЕ ќе достави претставка во Основното Јавното Обвинителство по допрен глас дека генаралниот секретар на Владата Драги Рашковски местел тендери. Ова го најави Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ. Ова доаѓа по објавената аудио снимки во која наводно се слуша гласот на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, со уште двајца функционери. Како што објавија порталите на таа снимка Рашковски местел тендер за М-нав или Контрола на летање во корист на италијанска фирма. Спомнатиот тендер е за набавка на АТМ систм за контрола на летање кој е финасисран и од Европската банка за обнова и развој.
„Македонија е заробена држава, а луѓето како мојот колега Рашковски за кои постојат сериозни сомневања за сторен криминал се нејзиниот канцер. Заев бидејќи молчи очигледно и тој го штити исто какошто го штитеше и Курто Дудуш. Молкот отвора сомнеж дали од договорената аванта имало и за првиот човек на владата. Време е за оставки“, рече Василевска.
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски најави дека во вторник ќе одржи прес конференција во врска со аудио снимката која ја објавија некои портали.
„ВМРО ДПМНЕ најверојатно не може да сфати дека не се тие кои ја определуваат динамиката на нашето дејствување. Кога веќе покажаа дека не разбираат англиски и не знаат што значи Letter of award, нека читаат дека уште завчера на македонски јазик е напишано дека во вторник ќе има прес конференција на оваа тема.“, рече Рашковски.
Рашковски објави фотографии, за кои како што вели, докажуваат дека одлуката за набавка на АТМ систем за контрола на летање е направена шест месеци пред одржувањето на состанокот од снимениот разговор. Како што вели Рашковски се работи за политичка местенка од страна на Климент Чепуњовски, разрешен директор на техника во М-НАВ. Рашковски тврди дека токму Чепуњовски го снимал разговорот, кој како што вели генералниот секретар се обидел неколку пати да го опструира тој состанок. Од владата велат дека тендерот и изборот на најповолен понудувач се направени во 2016 година и дека целата процедура е законска. Од опозицијата побараа обвинителството веднаш да реагира со оглед на тоа дека Рашковски вршител на должност Генерален секретар на владата и се уште може да влијае на заташкување на случајот и врз доказите и сведоците.
РЕПОРТЕР: АРБАНА Ќ. КЛИМЕНТА