Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев денеска и се „заблагодари“ на Европската унија за растот на руската економија.
„Влезе во сила дванаесеттиот пакет санкции на ЕУ против Русија. Во меѓувреме, европската економија неодоливо се лизга во рецесија“, напиша Медведев на социјалната мрежа Х.
Тој изјави дека германскиот БДП паднал за 0,2 отсто во вториот и за 0,3 отсто во третиот квартал, додавајќи дека пад на БДП е забележан и во Франција.
Според него, „мачниот пад“ на БДП на земјите-членки на ЕУ би можел да трае до средината на 2024 година.
„Од друга страна, рускиот БДП порасна за 5,5 отсто на годишна основа во третиот квартал и 7,8 отсто во вториот квартал. Сега е време да се размислува за нов пакет санкции против нашата земја. ЕУ, ви благодариме за растот на руската економија“, рече Медведев.
Во понеделникот Европската унија го усвои 12-тиот пакет економски и индивидуални санкции против Русија поради војната во Украина.
Новиот пакет вклучува мерки за ограничување на увозот, купувањето или трансферот на руски дијаманти, нови ограничувања и контроли на увозот и извозот, а покрај економските санкции, Советот на ЕУ одлучи на списокот да стави одреден број физички и правни лица. .