Нема пропусти од страна на полицијата во истрагата за пронаоѓање на сега починатите Вања и Панче минатата година. Ова го потврди одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, на барање на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од МВР велат дека извршени се проверки во СВР Скопје и СВР Велес.
„Ја информираме јавноста, со оглед на тоа дека извештајот е класифициран, утврдено е дека не постојат основи за покренување на дисциплинска постапка, а воедно, до Бирото за јавна безбедност при МВР се упатени задолжителни мерки да се донесат нови процедури и упатства за постапување“, велат од МВР.
Основниот кривичен суд на почетокот од јануари, го продолжи притворот на петминта осомничени за киднапирање и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
Тројца од нив се осомничени за двете убиства и киднапирања, а таткото на Ѓорчевска е осомничен за грабнување на ќерка си.
Еден е осомничен дека му помогнал во бегството на првоосомничениот Палевски.
Палевски беше фатен во Турција откако по него беше распишана меѓународна потерница.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година.