Претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини на прес-конференција порача дека немало вршење на притисок врз судии во судечките совет кои одлучуваат за тужбите на коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија за парламентарните избори (ДИК).
Според него, тврдењата на Арбен Таравари од албанската коалиција Вреди се невистинити.
„Денешното мое појавување во јавноста е во врска со јавните изјави на господинот Таравари дека има сознанија односно информации дека јас како претседател на Судот вршам притисок над судиите кои што ги ценам како комплетни невистини, како инсинуации и клевети врз мојата работа како претседател на Управниот суд“, порача Сејдини.
Тој вели дека Управниот суд досега имал одржано 4 јавни расправи.
Сејдини вели дека ваквите изјави на јавните личности сериозно му штетат на имиџот на земјата во евроинтеграциските процеси.
„Морам да напоменам дека совесно, согласно закон и со многу голема одговорност сум ја вршел мојата работа како претседател на судот и истото ви го тврдам и за колегите мои и за стручната служба. Лично јас како претседател на Управниот суд немам потреба односно не знам да стравувам за мојата работа да ја вршам одговорно, согласно закон така што датумите што се спомнуваат 15 јуни или други датуми само ги гледам како денови во кои што со личниот интегритет и капацитет ќе можам да придонесам за доборото на нашата земја. Истото можам да го тврдам и за судиите од овој суд дека деновите, датумите ги гледаме како можности за да придонесеме за поквалитетна правда во нашата земја“, рече Сејдини.