Арбен Таравари, еден од партнерите на коалицијата „ВЛЕН“ и кој во моментов е градоначалник на општина Гостивар, се уште не одлучил дали ќе биде во идната влада како министер.
Тој потврди дека се точни дел од пишувањата на некои медиуми за поделба на владините ресори и службени места. Според Таравари, конечниот договор меѓу идните владини партнери, ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно ќе биде објавен денеска или утре.
„Алијансата ќе има двајца министри, вицепремиер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменици министри, како и двајца државни секретари и тоа заменик министерот за одбрана и заменик министерот за земјоделство. Секретар за здравство и уште еден што сега не се сеќавам“, вели Таравари.
Таравари рече дека се уште не се дефинирани имињата на кадрите кои ќе бидат назначени на овие позиции. Запрашан дали ќе биде следниот министер за здравство, тој рече дека не одлучил и се уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција.
Можноста не е исклучена, но не е дефинитивна“, изјави Таравари.
Таравари ги коментираше и резултатите од прегласувањето и истакна дека на 8 мај воделе и сега, како што рече, се во големо водство.
„ДУИ може да се жали на резултатот, но резултатите се такви. Тоа беше очекувано и сега бранот на промени не може да се запре, па ДУИ мора да го прифати резултатот. Граѓаните сега се ослободени, гласаат малку послободно од порано и посакувам ДУИ да ја прифати оваа реалност. Сега ВЛЕН има еден заменик повеќе, ДУИ еден помалку“, изјави Таравари.