Пратеничката од редовите на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска реагираше по повод заклетвата на новиот претседател на Собранието, Африм Гаши.
Според неа, Гаши го прекршил Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик при давање на свечена заклетва за време на вчерашната конститутивна седница.
„Новиот Претседател на Собранието на Република Северна Македонија го прекрши духот на мултиетничноста на нашата држава, но и духот на Уставот и на Законот за употреба на македонскиот јазик при давањето на свечената заклетва за време на конститутивната седница на новиот собраниски состав.
Истото го стори и претседавачката на конститутивна седница на Собранието, пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.
При тоа, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ од тесно-коалициони и тесно-партиски причини немаа ни капацитет, ни причина, ни порив да помислат спротивно на ваквиот анти-македонски чин.
Зошто е скандалозно свечената заклетва да се дава прво на албански, а потоа на македонски јазик?
01. Затоа што македонскиот јазик е првиот официјален јазик на Северна Македонија, а потоа следат другите, не помалку важни јазици, но утврдени со Устав согласно процентуалната застапеност на граѓаните кои го зборуваат.
02. Јазикот не е и не може да биде личен или етнички механизам за политичко поентирање – јазикот е средство за службена и друг тип комуникација.
03. Претседател на Собрание може да биде и етнички Албанец, и етнички Македонец и било кој друг пратеник за кој владејачките партии ќе се договорат, но прв официјален јазик во Северна Македонија е македонскиот јазик.
04. Единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик – сигурна сум дека денешната конститутивна седница има и силен меѓународен одек.
При тоа, потсетувам дека Гаши не е првиот претседател Албанец на Собранието на Северна Македонија. Тоа претходно во два наврати беше Талат Џафери и тој не го повреди духот на македонскиот Устав и заклетвата ја даде пред сѐ на македонски јазик.
Потсетувам и дека Вулнет Старова, Албанец е последниот претседател на делегатското собрание на Социјалистичка Република Македонија. На таа функција беше избран на конститутивната седница на Собранието од четвртото делегатско свикување на 28 април 1986 година, кога беа избрани и новите состави на Претседателството и на Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија. Функцијата ја извршуваше до 8 јануари 1991 година, кога беше конституирано првото повеќепартиско собрание, каде се говореше исклучиво на македонски јазик.
Покрај македонскиот јазик, втор официјален јазик е албанскиот, но нема полоша политика од тоа јазиците да ни станат методи за политичка пропаганда. Затоа, да се почитуваме, да си ги почитуваме Уставот, државата, законите, различностите и особеностите.