В.д. директорот Управата за извршување на санкции, Александар Пандов денеска на прес конференција информираше за вонредниот надзор кој на 19-ти јули бил направен во затворот „Скопје“.
Како што појасни, при надзорот е констатирано дека списокот со затвореници што го добиле од полицијата не кореспондирала со фактичката состојба која ја затекнале.
„Целта на овој вонреден надзор беше да се провери бројната состојба, дали онаа информација дека се отсутни затвореници е точна. При вршење на надзорот по список во затворот требаа да бидат 180 затвореници, акцентот беше ставен на два дела, на полуотвореното одделение и на отвореното одделение и притоа од тие 180 затвореници, ние одевме од еден во друг дел, ќелија по ќелија, се прозиваа затворениците, 11 осудени лица не беа присутни во своите ќелии. Во отвореното одделение има дел кој што го нарекуваат возен парк. Во тој возен парк по списокот требаа да бидат само три осудени лица, на лице место десет осудени лица се распоредени од кои што четири осудени лица отсуствуваа. Исто така, има еден друг дел кој го нарекуваат перална, во која по список треба да има четири осудени лица, фигурираат така на списокот четири осудени лица, формално правно треба таму да бидат девет осудени лица од кои што седум беа отсутни, пронајдовме само едно лице, едно осудено лице беше на домашно отсуство“, информираше Пандов.
Пандов вели дека луѓето кои се во возниот парк или пералната се со намера делегирани таму, за да можат кога сакаат да влегуваат и излегуваат.
Како што вели, додека го правеле надзорот, десет од тие лица се враќале и слободно се движеле околу нив.
„Разговараа со полицајците и на мое прашање како е можно да има вакво однесување, полицајците ми одговорија дека тие немаат никаква заштита. Се случува да му се јават на директорот и да му речат „Сокол ние ти дадовме пари, овие не смеат да ни се закануваат на нас“, рече тој.
Според него, затворските полицајци изјавиле дека затворениците се преместуваат со усна наредба на директорот Филип Андов – Сокол, за кого рече дека ќе побара да биде разрешен.
„Тој директор на тие луѓе им дава алиби дека се присутни во затвор, а од друга страна, тие се надвор. Тоа значи дека во тоа време тие имаат алиби да направат какви било кривични дела. Државата треба под итно да се позанимава пред сѐ со овој директор на затвор, меѓутоа, ви ветувам дека во наредниот период ќе бидат интензивно правени проверки и на останатите затвори, да видиме каква е состојбата кај нив“, рече тој.
Пандов информираше дека откако ќе го изготват записникот ќе го достават до обвинителството, а во меѓувреме, како што посочи, го информирал и премиерот Христијан Мицкоски дека во најголем дел од затворите е слична состојбата.
Дополни дека седум години не бил направен вондреден надзор во овој затвор и дека во моментов двајца службеници се во затворот за да го земат материјалот од видео надзорот, а четири осуденици се во бегство.
„Затворите ни се хотел – промаја“, додаде Пандов.