Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска на прес конференција истакна дека на системот за управување со кризи му е неопходна длабока реформа.
Како што вели, доколку се спојат ЦУК и ДЗС би се добила една функционална институција, но и специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе за почеток.
Истата би била мултифункционална – летно време ќе гасне пожари, а истовремено може да спасува и луѓе ако се заглавени на вода, планина, да вади луѓе од урнатини во случај земјотрес.
Ангелов смета дека во ЦУК и ДЗС моментно има превработеност на одредени позиции, а нема луѓе таму каде што се потребни.
„Неопходна е длабока реформа на системот за управување со кризи. Целиот систем е нефункционален. Уште пред изборите разговаравме на оваа тема. Она што можам сега да го видам кај министрите, членови на Управувачкит комиет, постои цврста волја час поскоро системот да биде трансформиран во многу пофункционален кој со истите ресурси што ги имаме сега, ќе може да гасне повеќе пожари, побрзо и поефикасно. Новиот систем во првата фаза ќе биде поевтин од посточекиот. Тука ми беа прилично врзани рацете зашто затекнав таква состојба, во делот на вработувањата имав многу мала можност да извршам корекции. Во ЦУК сега има околу 300 вработени, а во ДЗС повеќе од 300, што е преку 600 луѓе. Сметам дека со помалку луѓе би добиле нова, функционална институција и плус специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе за почеток, која би била мултифункционална. Таквата единица би дала сосема нова димензија зашто детектираните слабости не може поинаку да се отстранат“, рече Ангелов.