Градоначалникот на општина Свети Николе, Дејан Владев денеска ги соопшти првичните проценки од штетите предизвикани од пожарите.
„Околу 40 куќи, од кои поголем дел се стари, но и нови, кои се живеалишта на жителите во селата Малино, Немањици и Орел вчера доцна попладнето беа пеплосани од огнените јазици, кои брзо се ширеа поради ветерот“, вели Владев.
Тој вели дека претпладнево нема опасност пожарот да влезе во населени места, но горат површини со земјоделски култури.
Според него, во текот на ноќта брзо е интервенирано од страна на сите сили и огнот од селото Ерџелија е држен на растојание од околу еден и пол километар.
Во Светиниколскиот регион денеска на пожарите се интервенира и од земја и од воздух.