Иницијативниот одбор на тетовски оџи се собра пред Исламската верска заедница (ИВЗ) во Скопје, барајќи од Реисот Шаќир Фетаи и Ријасетот да ја повлечат одлуката за разрешување на тетовскиот муфтија Ќани Несими. Ирфан Емурлаи од иницијативниот одбор најави дека доколку не добијат одговор, ќе преземат радикални чекори согласно уставните начела на ИВЗ.
„Ако продолжите да носите неуставни и незаконски одлуки, ќе бидеме принудени да ги радикализираме нашите ставови и да преземеме конкретни радикални чекори. Одговорноста ќе биде ваша, Реисул Улема“, изјави Емурлаи.
ИВЗ тврди дека Несими законски не е муфтија на Тетово и го обвинува за узурпација на канцелариите на институцијата. Според ИВЗ, неговото разрешување било поради некоординација и непријавување на важни прашања, што довело до загуба на имот. Исто така, го обвинуваат за злоупотреба на средства и фалсификување документи.
„Обидот да се купат старите бараки кои се во сопственост на вакафот на ИВЗ, е обид за злоупотреба на материјалните средства на Муфтиството. Злоупотреба и фалсификување документи е драстично кршење на должноста на муфтијата. Држење на канцелариите на Муфтијата со закани и не дозволувајќи му на др. Селвер Џемаили да ја преземе функцијата В.Д. Муфтија е невиден чин и спротивен на одлуките на Ријасетот на ИВЗ на РСМ. Држењето на канцелариите на муфтијата на Тетово од лица со криминално досие кои лесно можат да предизвикаат екстремистички и радикалистички дејствија со можност за насилство врз имами или акти на терор“, велат од ИВЗ
ИВЗ го разреши Ќани Несими од должноста муфтија на Тетово во ноември 2023, но Граѓанскиот суд во Скопје на 3 јуни 2024 донесе привремена одлука Несими да остане муфтија на Тетово.