Чешки хеликоптер „Блек хок“ моментално дејствува на пожарот во атарот на селата Брезница и Тажево, пожар што зафаќа голема површина и е многу тежок за гаснење. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов изјави дека ловиштето Јасен не е зафатено од пожарот благодарение на вработените кои го спречиле огнот да навлезе на нивната територија.
„Проблемот е што хеликоптерот мора да се симне на помала надморска височина, да полета, да се искачи горе на повеќе од 1400 метри да ја истури водата и пак да се врати. Благодарност до храбрите пилоти од Чешка. Пожарот е во атарот на селата Тажево и Брезница со крак кон Јасен, но ловиштето Јасен не е зафатено од пожар. Вработените во Јасен не дозволија пожарот да навлезе на територија на територија на ловиштето Јасен,” рече Ангелов.
Покрај овој пожар, има и пожар на Илинска планина кој трае неколку дена и е исклучително тежок за гаснење поради големата површина и црниот чад што ја отежнува работата на воздухопловите.
„Третиот пожар којшто за жал е активен во овој момент е пожарот што започна кај охридското село Косел и се движи нагоре кон планината. Благодарност до локалната самоуправа, до Градот Охрид којшто дава се од себе со поддршка на локалните пожарникари и месното население да го стават пожарот под контрола,” истакна Ангелов.
За пожарот во атарот на Богданци кој се движи кон ветерниците, Ангелов рече дека е се уште активен и дека хеликоптерите не можеле да дејствуваат поради силниот ветер.
Пожарот на територија на Општина Пробиштип во атарот на село Зеленград е делумно под контрола и не ја загрозува Пониква и викенд населбата.
Четири пожари се под контрола: во Општина Кочани кај селото Пресека, во Општина Свети Николе кај селото Патетино, во Општина Пласница кај селата Пласница и Латово, и во Општина Македонска Каменица кај селото Дулица.
Ангелов додаде дека вчера се изгаснати 33 пожари на територијата на државава.