Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска денеска апелираше до матичните лекари веднаш откако ќе забележат суспектен случај на мали сипаници, истиот да биде препратен или на Инфективната клиника, па оттаму да го препратат кај нив на анализи, или директно да дојде на тестирање во Институтот.
Како што вели нивна обврска и работа е по констатирањето на позитивен случај, да дадеме препораки на семејството за изолација.
„Но, за морбилите нема изолација пропишана со закон и останува на добра волја на семејството дали ќе ги почитува препораките или не. Инаку, се земени и од оние лица кои веќе работеле со него и од медицинските лица направени се анализи и истите се следат“, вели Андоновска.
Таа додава дека и во двата случаја, децата не биле вакцинирани.
„Тоа што можам да го кажам, е, дека според епидемиолошката анкета што е направена, исказите се дека немало многу контакти, ниту пак детето одело на училиште во населбата Петровец, село Долно Коњари. Според епидемиолошката анкета, родителите кажуваат, а и самото дете, дека изминатите денови, откако се вратило од подрачјето каде престојувало во Србија, не одело на училиште ниту тоа, ниту неговото братче, кое исто така не е вакцинирано и негираат повеќе контакти. Велат дека контактите се во кругот на семејството“, рече Андоновска.