Македонија

Стојаноски: Криејќи се позади празни аргументи и исплашени од политиките, Филипче и СДСМ застануваат против народот

Стојаноски: Криејќи се позади празни аргументи и исплашени од политиките, Филипче и СДСМ застануваат против народот

Бојан Стојаноски, пратеник од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, денес на прес-конференција изрази загриженост дека СДСМ и Венко Филипче повторно се покажале како противници на интересите на граѓаните и економијата, само заради политички цели и ефтини поени.

„Скриејќи се зад празни аргументи и избегнувајќи ја одговорноста за политиките на новата Влада, Венко Филипче и СДСМ покажуваат дека кога станува збор за добри политики што би го подобриле животниот стандард на граѓаните, тие често го игнорираат интересот на народот и развојот на државата. Иако имаат обврска да ја закажат седницата на Комисијата за финансирање и буџет во рок од 24 часа по изгласувањето на дневниот ред, денес Венко Филипче и СДСМ решија да го занемарат деловникот што сами го донесоа. Наместо да поддржат обезбедување на средства со јасна намена, тие се против“, изјави Стојаноски.

Тој посочи дека тие се спротивставуваат на изградбата на нови градинки, училишта, болници, улици, игралишта, водовод и канализација, спортски терени и други важни проекти.

„Овие средства треба да ги поддржат проектите што ги поднесуваат општините, при што до 12 часот, над 72 општини аплицирале со повеќе од 300 проекти. Лицемерно е што Венко Филипче и СДСМ го блокираат законот што обезбедува средства за капитални проекти, додека истовремено општините под управата на СДСМ, како што се Струмица, Делчево, Валандово и Пробиштип, аплицираат за овие средства. Оваа одлука е против поддршката на македонските компании и стопанство, како и за повисоки плати и пензии. Апелираме на разум и да не дозволиме внатрепартискиот хаос да се одрази на другите општествени процеси. Венко Филипче и СДСМ треба да се вразумат и да ја свикаат Комисијата за финансирање и буџет, согласно деловникот, за да можат да дебатираат и да изразат евентуални забелешки“, додаде Стојаноски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни