Македонија

Мицкоски: За 100 дена отплаќаме долг од 2 милијарди денари на Фондот за здравствено осигурување

Мицкоски: За 100 дена отплаќаме долг од 2 милијарди денари на Фондот за здравствено осигурување

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес конференција во Фондот за здравствено осигурување истакна дека фондот има долг од отприлика 5 милијарди денари.

„Со едно домаќинско работење и со би рекол вешто реструктуирање на овој долг тој ќе се намали многу брзо за две милијарди, слушнавте и од самиот директор. Што значи дека ќе дојде на некое, би рекол подносливо ниво од 3 милијарди, но треба да се спушти уште повеќе и правиме план како Влада да во периодот што следи, можеби ете да речеме во текот на следната фискална година, уште повеќе да го намалиме тој долг. А очекуваме и со домаќинско, вредно, посветено работење на новиот менаџмент во болниците и во здравствените установи низ државата да дел од тие долгови бидат и по тој пат вратени назад“, порача Мицкоски.

Како што вели, како Влада врвен приоритет им е здравјето на граѓаните.

„Како Влада ќе останеме посветени на поддршка и на Министерството за здравство и на Фондот за здравствено осигурување. Интересот на граѓаните е пред и над сѐ и јас лично со оваа моја денешна посета сакам само тоа да го потврдам и да честитам на Фондот, на менаџментот на Фондот, на Министерството за здравство што за вака кратко време успеаја да се консолидираат и да ги земат работите, што се вели народски, во свои раце и да вратат околу две милијарди денари, што е нешто коешто досега не се случило, ако се има предвид дека, како што кажа самиот директор, во првата половина од годината, тој долг е зголемен за цела една милијарда. Па сега вие можете да замислите со какви цели биле тие пари и каде биле употребувани. Така што еве посакувам уште многу убави вести, па до година да зборуваме за долг нула, на тој начин ќе обезбедиме и тековно сервисирање на обврските. Со тековно сервисирање на обврските и цените ќе паднат, ќе значи помалку расходи, повеќе приходи и на тој начин ќе можеме да на граѓаните им понудиме дополнителни услуги здравствени коишто тие ќе можат да ги користат“, додаде Мицкоски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни