Додека Владата ги затвора, тие најавуваат повторно враќање на сцената. Државна видеолотарија испрати соопштение до медиумите во кое велат дека работеле легално.
„Веднаш по создавање на услови, платформата за интернет игри на среќа, 2win.mk ќе се врати во функција“, стои во испратеното соопштение од страна на Државна видеолотарија.
Нејасно е во моментов во каков очекување е Државна видеолотарија, какви услови да се создадат и кој би ги создал тие услови?
Инаку Владата претходната недела на владина седница ги одзеде лиценците за работа на неколку приредувачи на онлајн игри на среќа.
„Државна лотарија – 77 Битс ДОО Битола“, основана во соработка со бугарската фирма „Телематик Интерактив Бугарија АД“;
„Државна лотарија – Везув ДОО Скопје“, во партнерство со компанијата „Везув“ од Црна Гора, сопственик на најголемиот ланец на обложувалници „Волкано“;
„Државна лотарија – Моззарт ДОО Скопје“, формирана заедно со „Моцарт ДОО Белград“, една од водечките српски компании за приредување онлајн игри на среќа.
Во сите овие компании, Државната лотарија беше мнозински сопственик со 51% од акциите. Приватниот капитал беше претставен со 49%. Овие компании беа меѓу најголемите во регионот на онлајн игри на среќа и имаа значително влијание на пазарот.
По завршувањето на владината седница, прес-службата на Владата соопшти дека одлуката за одземање на лиценците е донесена поради утврдени неправилности во работењето. Врз основа на извршените проверки, се појавија основани сомнежи за незаконско работење. Ова доведе до одземање на дозволите на компаниите основани од Државната лотарија во соработка со приватни партнери од Србија, Црна Гора и Бугарија.