Македонија

Неправилности во Министерството за култура: Исплатени милиони без јасни критериуми за културни проекти

Неправилности во Министерството за култура: Исплатени милиони без јасни критериуми за културни проекти

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за култура за 2023 година.

Утврдени се состојби, неправилности и неусогласености кои влијаат на издаденото неповолно мислење на овластениот државен ревизор во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

Во однос на евидентираниот книжен фонд на Министерството, со извршената ревизија утврдено е дека потекнува од 17 капитални проекти за печатење книги реализирани помеѓу 2009 и 2019 година, во вкупен износ од 408.123 илјади денари и вклучува 686.318 примероци. Поради непостоење на план за дистрибуција на отпечатените и не дистрибуираните книги, се создава значителен проблем со сместувањето на оваа голема количина, дополнително усложнет од недостигот на интерес од државните институции за преземање на книгите поради исполнетост на нивните капацитети.

Исто така, не е извршен попис за утврдување на фактичката состојба, како во однос на бројот на книги, така и за условите во кои тие се чуваат, што може да доведе до оштетување на истите.

Во однос на остварувањето на приоритетите за развој и унапредување на културата, констатирано е дека последната усвоена Национална стратегија за развој на културата од Собранието го покрива периодот 2018-2022 година, оставајќи ги активностите за 2023 година, предмет на актуелната ревизија, без јасни насоки. Министерството нема донесено годишен план ниту за претходниот период, ниту за 2023 година, што е нотирано и во претходните ревизорски извештаи.

Недостигот на долгорочна стратегија за развој на културата доведува до општи поставени приоритети и создава предизвици во планирањето на културните активности.

Во декември 2023 година, Владата усвои нова Национална стратегија за културата за периодот 2023-2028 година, но истата не е усвоена од Собранието.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни