Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ е презакажано за 14 ноември, откако обвинетите Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Миле Јанакиевски, преку својот адвокат Еленко Миланов, побарале од Основниот кривичен суд да одлучи за нивниот поднесок за амнестија без изведување материјални и вербални докази на денешното рочиште.
Претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, објави дека обвинетите во својот поднесок побарале Судот да донесе решение за примената на Законот за амнестија. Тие истакнале дека веќе постои воспоставена практика, при што Кривичниот совет во 2018 година донел одлука за амнестија за време на главната расправа, без да се чека завршување на доказната постапка.
– Во прилог е доставено решение на Кривичен совет, Одделение за организиран криминал и корупција, од 20.12.2018 година со образложение дека решението било донесено во текот на главна расправа, во фаза на доказна постапка и не се чекало завршување на доказна постапка. На Јавното обвинителство ќе му доставам примерок од ова решение, како и примерок од поднесокот… Јас го разгледав поднесокот и вистина е дека донесено е решение за амнестија во текот на доказна постапка, не само за обвинетиот во наведениот случај, туку и за други обвинети, меѓутоа јавниот обвинител нека се произнесе и нека даде мислење, со оглед на тоа дека овој поднесок го примивме во текот на денешниот ден, посочи судијата Трпков.
Во овој предмет обвинети се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, екс министрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.