Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата ја пречека претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
По средбата, на прес конференција истакна дека остануваат цврсто посветени на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
„Нашата средба беше од исклучителна важност за иднината и за натамошното динамизирање на европските интеграции кој се врвен стратешки интерес, приоритет и цел за регионот на западен Балкан. Остануваме цврсто посветени како Влада на својот пат кон полноправно членство во ЕУ. Нашата визија е јасна, сакаме да бидеме дел од европското семејство споделувајќи ги истите вредности на демократија, владеење на право и почитување на човековите права“, вели Мицкоски.
Според него, свесни се за предизвиците.
„Реформите кои ги спроведуваме во областите на правосудството, борбата против корупцијата, економскиот развој и зајакнување на институциите се клучни за нашата иднина. Овие промени не се само услов за членство во ЕУ туку се неопходни за подобрување на животниот стандард на сите граѓани“, додаде Мицкоски.
Премиерот додава дека ЕУ заедно со нас треба да најде начини како да се продолжи европскиот пат
„Очекуваме Европската унија заедно со нас да помогне начини како да го продолжиме нашиот европски интегративен пат истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во спротивност со идеите и вредностите на кои почива самата Европска унија“, вели Мицкоски