Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес конференција истакна дека како Влада продолжуваат посветено да работат на реализација на Коридор 8 и 10.
„Ова претставува значаен момент бидејќи после две години, буквално после две години, ветувања и празни муабети денеска конечно може да се види нешто коешто треба да претставува дел од оној сон којшто го имаме како Влада, а тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност. Ние сме земја којашто за жал не излегува на море и тоа некој може да го смета како недостаток, но ние треба да сме умни и тој недостаток да го направиме во наша предност, бидејќи сме природна крстосница на два многу значајни коридори, Коридорот 8 и Коридорот 10“, вели Мицкоски.
Тој најави дека во сабота ќе посетат и друго место каде се гради Коридорот, а тоа е делницата помеѓу Прилеп и Битола.
„Овие преговори заедно со раководството на компанијата „Бехтел“ започнаа уште при оние контакти во Вашингтон, кога бев на посета во Вашингтон, на Самитот на НАТО, продолжија тука и гледате еве кога ќе се постигне заеднички, кога ќе има дијалог, кога ќе се разговара, може да се постигне и напредок. Тој напредок сите можеме сега да го видиме и јас сум навистина горд што сме денеска овде и што во периодот којшто следи ќе имаме уште многу пријатни и убави вести за вас, за македонската јавност и македонските граѓани“, вели Мицкоски.