Потпретседателката на македонското Собрание и пратеничка на ЗНАМ, Весна Бендевска, денес официјално се обрати до Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Битола со сериозно известување. Во него, таа укажа на загрижувачкиот факт дека бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, иако беше избришан од Централниот регистар во март минатата година, продолжува да функционира. Според Бендевска, клубот активно објавува содржини на социјалните мрежи кои се сметаат за провокативни и насочени против националните чувства на македонскиот народ, неговата историја, јазик и култура.
„Се прашувам дали државните институции можат да најдат правен механизам за забрана на дејствувањето на ова здружение, кое веќе е избришано од регистарот и носи фашистичко име. Ако има индиции за незаконито дејствување, веднаш ќе поднесам нова кривична пријава против Љупчо Ѓоргиевски, поранешниот претседател на ова здружение“, изјави Бендевска пред да влезе во просториите на ОЈО во Битола.
На 1 ноември, три дена пред прославата на 80-годишнината од слободата на Битола, бугарскиот клуб организираше настан посветен на бугарските преродбеници. Собирот се одржа во просториите на улица „Рузвелтова“, каде што во 2022 година беше сместено здружението кое сега не постои, а на фасадата сеуште се вее бугарското знаме.
Говорниците на настанот истакнаа дека Војдан Чернодрински е бугарски преродбеник и дека „Македонска крвава свадба“ претставува дел од бугарското културно наследство, како и олицетворение на борбата за слобода на Бугарите. Говорникот Калин Крумов рече: „Сигурно е познатата приказна — двајца млади се вљубуваат, но Турците ја грабаат девојката, а Бугарите се спротиставуваат“.