Владејачката коалиција Вреди во соопштение изнесе шокантни детали за тајна средба во Вила Водно од март годинава, на која, како што наведуваат, високи претставници на ДУИ и поранешниот државен врв договарале враќање на осудениот експремиер Никола Груевски од Будимпешта. Според соопштението, планот опфаќал две опции: помилување од претседателот Пендаровски или интервенции преку „нивни луѓе“ во судовите.
„Али, кој има толкава носталгија за Никола Груевски, кој им нанел зло на Албанците, предложи враќање на два начина: преку претседателско помилување или преку „нашите луѓе“ во судовите. Овој дел од разговорот беше снимен од еден вработен во администрацијата, кој снимката му ја предаде на Блерим Ќосето Беџети“, се наведува во соопштението на Вреди.
Притисок врз Врховниот суд и предупредување од холандскиот амбасадор
Вреди дополнува дека Ахмети и ДУИ вршеле притисок врз Врховниот суд за да го реализираат планот, но наидоа на отпор од претседателката на судот, Беса Адеми. Поради нејзината неволност да ги послуша наредбите, против неа била покрената иницијатива за разрешување. Во истиот период, холандскиот амбасадор го предупредил Ахмети во Мала Речица дека неговата партија треба да се повлече од судските манипулации.
„Измените на Кривичниот законик што ги спроведе ДУИ беа целосно насочени за активирање на враќањето на Груевски од Будимпешта“, тврдат од коалицијата.
Отворени прашања и сомнежи
Вреди ги прашува ДУИ и Ахмети зошто се толку „носталгични“ за Никола Груевски.
„Дали сте уценети од Блерим Ќосето Беџети, кој ја сними средбата во Вила Водно? Зошто би ги враќале на сцената Груевски и Муса Џафери како носители на пратенички листи? Овие постапки укажуваат дека соработката меѓу вас и Никола е подлабока, можеби дури и злосторничка“, заклучуваат од Вреди.
„Наша цел е да демаскираме и да донесеме светла иднина“, се вели на крајот од соопштението на коалицијата.