На вчерашната седница, Владата одлучи да издвои 20 милиони евра за финансирање на проектот за плоштадот „Скендербег“. Првиот вицепремиер Изет Меџити најави дека овие средства ќе се употребат за изградба на подземен паркинг со 371 паркинг место на две подземни нивоа, чија изградба се очекува да започне во 2025 година.
„Како прв потпретседател на Владата на Република Северна Македонија, со задоволство ве информирам за важната одлука донесена на денешната владина седница. Владата одлучи да издвои 20 милиони евра за финансирање на проектот за изградба на катна подземна гаража кај плоштадот Скендербег во Скопје. Овој повеќегодишен проект предвидува изградба на 371 нови паркинг места, распределени на две подземни нивоа со вкупна површина од над 13.000 квадратни метри. Исто така, ќе се обезбедат соодветен број паркинг места за лицата со посебни потреби. Со оваа инвестиција ја покажуваме нашата посветеност кон решавање на инфраструктурните предизвици со кои се соочуваат нашиот главен град, Старата чаршија, општина Чаир и Центар“, изјави Меџити.
Според него, изградбата на подземната гаража е од големо значење за Старата чаршија и општина Чаир. Тој додаде дека конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со недостигот на паркинг места во овој дел од градот, што ќе помогне во олеснувањето на сообраќајот и ќе овозможи полесен пристап за жителите и посетителите.