Обвинителството отвори истрага против Гани Туша за убиството на Орхан Бајрами, водач на криминалната група Грчец/Дуќанџик. Убиството се случи во јули 2023 година во Ханиоти, Грција, а Туша моментално издржува казна затвор за друго дело. Поради неможност за екстрадиција, случајот е преземен од македонските органи.
Според Обвинителството, Туша и неговиот соучесник, засега непознат, маскирани влегле во вилата каде Бајрами престојувал со четири лица. Туша испукал 11 куршуми од пиштол „Црвена застава“ (7,65 мм) со пригушувач, додека соучесникот испукал уште 8 куршуми. Три од куршумите го погодиле Бајрами, нанесувајќи му смртоносни повреди.
Истражната постапка е покрената за кривични дела:
- Убиство (член 123 став 2 точка 3 од Кривичниот законик)
- Неовластено поседување и трговија со оружје (член 396 став 3)
Грчките истражни органи имаа издадено налог за апсење на осомничениот, како и Европски налог за апсење и меѓународна потерница поради сомненија за кривични дела – Намерно убиство со соучесништво и Обид за сериско и соучесничко убиство на територијата на Република Грција. Со оглед на тоа што станува збор за македонски државјанин за кого не постои можност за екстрадиција, врз основа на инструментите за меѓународна правна соработка, грчките власти го отстапија кривичното гонење на Основното јавно обвинителство Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје предложи притвор за осомничениот до Основниот кривичен суд.