Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) продолжува да постапува по пријавите во врска со именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност.
На денешната седница, членовите на ДКСК истакнаа дека се уште текат законските рокови за прибирање на потребната документација. „Во однос на случајот за кој прашувате, доставени се неколку пријави до ДКСК. Поднесени се барања за прибирање на документација за утврдување на фактичката состојба, и се уште течат роковите за доставување на истата“, изјавија од Антикорупциска во одговор на новинарско прашање.
По утврдување на фактичката состојба, ДКСК ќе донесе одлука на јавна седница.
На 22 октомври, ДКСК отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, по анонимна претставка во која се тврди дека тој наводно не ги исполнува условите за оваа позиција.
Именувањето на Христовски за директор на оваа клучна институција, задолжена за безбедноста и контраразузнавањето, предизвика бројни реакции во јавноста.
Владата на 16 октомври го разреши досегашниот директор на Агенцијата, Зарко Милошевски, и го именува Бојан Христовски на негово место.