Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани, ги осуди синоќешните инциденти во Куманово, истакнувајќи дека е можно тие да се предизвикани намерно со цел да се создаде дестабилизација. Според него, полицијата треба да ја истражи и разреши ситуацијата.
„Мислам дека одговорноста за тоа лежи на органите на редот, односно на полицијата. Таквите настани се сигурно штетни и можеби се дизајнирани со цел да создадат инциденти, тензии и дестабилизација, за кои веќе подолго време предупредуваме“, изјави Муртезани.
Тој додаде дека ваквите инциденти не водат напред, туку имаат за цел да ја задржат земјата на сегашното ниво или, дури, да ја вратат назад. „Секој граѓанин треба да ги осуди ваквите настани, бидејќи тие не носат добри последици за нашата земја“, посочи Муртезани во изјавата за медиумите, како претставник на коалицијата ВРЕДИ, која е дел од Владата.
Во Куманово, синоќа беа опожарени деловен објект на улица „11 Октомври“ и три возила на улиците „Трст“, „Вардарска“ и „Никола Вапцаров“. Едно од возилата, „Фолксваген Пасат“, било во сопственост на јавниот обвинител Џелал Бајрами. Полицијата изврши увид на местото, известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расветлување на случајот.