Македонија

Филипче не смета дека треба да расчисти со Заев за да успее како лидер на СДСМ

Филипче не смета дека треба да расчисти со Заев за да успее како лидер на СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека не смета дека мора да расчисти со Зоран Заев за да успее како лидер. Во интервју за „360 степени“, Филипче истакна дека има одлична комуникација со поранешните лидери на партијата, но нема да дозволи мешање во нејзините политики.

„Не сметам дека треба да расчистуваме со нашите претходници. Јас имам одлична комуникација и со Зоран Заев и со останатите поранешни претседатели, со Димитар Ковачевски, со Радмила Шекеринска, со Владо Бучковски и со нив се консултирам, меѓутоа јас сум тој што ги бара и што бара нивни совети. Ниту еден од споменатите не се луѓе што мене ми се јавиле и сакале со нешто да влијаат на креирање на некаква политика или да влијаат на некое кадровско решение. Ниту еден од нив, апсолутно. Јас како претседател на партија сега преземам одговорност за функционирањето на партијата и нема да дозволам да има некој да влијае на тие процеси. Меѓутоа, тие луѓе се тука секогаш да помогнат поради тоа што во еден одреден временски период секој еден од нив се вложил себеси за да оваа партија биде тоа што е сега“, вели Филипче.

Според него, Заев се повлече од политиката и нема намера да се враќа или да влијае на партиските одлуки.

„Зоран Заев рече дека ќе се повлече од политиката и тој се повлече од политика. Се врати на неговите семејни работи и сега тој воопшто нема намера, ниту тенденција да се враќа или да сугерира нешто во СДСМ.“, додава Филипче.

Филипче додаде дека не дозволува никој да влијае на функционирањето на партијата, иако ги ценува советите на поранешните претседатели.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни