ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена изрази остра критика кон Кинотеката на Северна Македонија, обвинувајќи ја дека како јавна културна институција отстапила простор за настан што поттикнува дискриминација, говор на омраза и ненаучни ставови. Според ЈАДРО, ваквиот чин е спротивен на мисијата на културните институции и претставува опасен преседан.
Настан со ретроградни пораки во јавна институција
Кинотеката беше домаќин на трибината „Постојат ли озаконети идеолошки индоктринации во македонското образование?!“, организирана од „Родителски фронт“. ЈАДРО посочува дека оваа организација е дел од мрежата на анти-родови движења кои претходно повикувале на цензура и бојкотирање на дела на уметници и културни работници.
На трибината биле промовирани ставови што ги поткопуваат човековите права, вклучувајќи:
- Напади врз Истанбулската конвенција и повици за нејзина дератификација.
- Негирање на родот и родовиот идентитет, што ги загрозува правата на ЛГБТИК заедницата.
- Ширењето дезинформации за родовата еднаквост и сексуалното образование.
- Промовирање вмешување на нестручни поединци во образованието.
Повик за одговорност од Кинотека и Министерството за култура
ЈАДРО бара Кинотеката и Министерството за култура да се изјаснат за изборот на програмата и да се извинат на граѓаните. Според асоцијацијата, јавните културни институции имаат обврска да ги почитуваат принципите на инклузивност, толеранција и човекови права, наместо да промовираат наративи на исклучување.
Апел за конструктивност
Асоцијацијата упати апел до сите јавни институции да делуваат во согласност со демократските вредности, особено кога се дискутираат образовни теми. „Ваквите настани дополнително ја поларизираат јавната дебата, поткопувајќи ги соживотот и напредокот во општеството,“ заклучува ЈАДРО.