Македонија

Урбанистички хаос и финансиски неправилности ја парализираат општина Маврово и Ростуше

Урбанистички хаос и финансиски неправилности ја парализираат општина Маврово и Ростуше

Нерешените процеси за ре-валоризација на Националниот парк Маврово и суспендираните урбанистички планови ја доведоа општина Маврово и Ростуше во состојба на институционална и финансиска парализа, со што значително се зголеми бројот на бесправно изградени објекти, стои во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија.

блокирани планови и зголемен број бесправни градби

Според ревизијата, општината не може да подготвува нови урбанистички планови додека не се донесе Закон за ре-прогласување на Националниот парк Маврово и не се утврдат зоните на заштита. Состојбата без планови и неможноста за издавање дозволи за градба довела до зголемување на бесправните градби на територијата на општината.

недоволни приходи и губење податоци за данок на имот

Од 2013 до 2018 година, општината не издавала решенија за данок на имот поради губење на базата на податоци. Иако од 2018 година почнала поединечна обработка, бројот на обврзници за данок на имот се зголемил од 2.278 во 2019 година на 3.176 во 2023 година. Заклучно со декември 2023 година, општината побарува 11.485 илјади денари, од кои 77% се по основ на данок на имот, а 23% за комунални такси.

финансиски неправилности и недоследности

Ревизорскиот извештај укажува и на сериозни финансиски неправилности. Расходи во износ од 1.723 илјади денари се направени без поткрепувачка документација, а за набавки од 855 илјади денари не се спроведени јавни набавки. Исто така, евидентирани се неправилности при пописот на средства и обврски, што влијае врз реалноста на финансиските извештаи.

блокирани постапки за легализација

Општината престанала да постапува по барања за легализација на бесправно изградени објекти согласно препораките на Бернската конвенција, сѐ додека не заврши процесот за ре-прогласување на Националниот парк Маврово. Средствата собрани од легализацијата не се користат за изработка на нови урбанистички планови.

препораки за надминување на проблемите

Ревизорот дава препораки за преземање на итни мерки од надлежните институции за решавање на правните, финансиските и урбанистичките проблеми кои ја оптоваруваат општината. Заклучокот е дека овие нерешени прашања ја загрозуваат работата на општината и ја оневозможуваат реализацијата на основните јавни услуги.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни