Францускиот претседател Емануел Макрон ќе и се обрати на нацијата во 20 часот, а потоа ќе ја коментира одлуката на Националното собрание да и изгласа недоверба на владата на премиерот Мишел Барние, соопштија од Елисејската палата.
Макрон во вторникот рече дека не верува оти пратениците ќе и изгласаат недоверба на владата и ги отфрли се почестите повици на политичарите да поднесе оставка, велејќи дека ќе го одлежи вториот мандат до крај.
Лидерот на левичарската партија Неосвоена Франција, Жан-Лук Меланшон, кој е член на коалицијата „Новиот народен фронт“, изрази задоволство од падот на владата.
„Дури и со нов Барние на секои три месеци, Макрон нема да издржи три години“, рече Меланшон на социјалната мрежа Х, алудирајќи на мандатот на Макрон, кој трае до април 2027 година.
Водачот на Националното собрание Марин Ле Пен рече дека буџетот што доведе до падот на Барние е „токсичен за Французите“.
„Единствено достоинствено решение за оние кои добија мандат од народот да ги заштити е да се спротивстават на овој буџет“, рече Ле Пен, додавајќи дека едноставно нема друго решение, освен Барние да си замине од функцијата.
Ле Пен истакна дека „засега не бара оставка од Макрон“.
„Доколку, сепак, продолжиме да не го почитуваме гласот на гласачите и да не покажеме почит кон политичките сили и изборите, наскоро ќе дојде време кога притисокот врз претседателот ќе биде се посилен и посилен“, рече Ле Пен.