Беше разбиена организирана криминална група од 18 членови која извршувала сериозни кривични дела, вклучувајќи убиства, изнуди и била поврзана со палењето на автомобили на вработени во затворската полиција. Ова го објави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција, при што ги презентираше деталите за истрагата „Беланоца-Барон“, која беше претходно објавена од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Тошковски истакна дека вчера вечерта била реализирана координирана полициска акција во која разбиена била оваа криминална група, составена од лица од Скопје, кои подолг временски период биле вклучени во сериозен насилен криминал и недозволена трговија со оружје. Претреси биле извршени на 30 локации, од кои 28 во Скопје и две во Велес, при што биле пронајдени оружје, опрема поврзана со оружје, панцири, пари во износ од околу 30 милиони денари, 5 возила, накит, злато, 9 мобилни телефони, сим картички, 12 рачни часовници и други предмети кои ќе бидат предмет на вештачење.
Министерот потврди дека претресите ќе продолжат и во наредните денови, а на 16 декември беа поднесени кривични пријави против 18 лица за бројни кривични дела, меѓу кои и убиства, обиди за убиство, како и познатото убиство во „Шиша бар“, кое предизвика големо вознемирување кај јавноста, а исто така се пријавени дела на изнуда и злосторничко здружување.
Во текот на 2020 година, дел од осомничените формирале група за извршување убиства. Организаторите на групата ги планирале убиствата и донеле одлуки за тоа кој, кога, каде и како ќе биде лишен од живот. Овие одлуки биле спроведувани лично или преку други членови на групата.
Во 2021 година, пет лица се приклучиле на оваа група со цел извршување на убиства на лица од други организирани криминални групи или поради одмазда. Групата била строго организирана, а секој член имал специфична задача. Во 2023 година, тројца од осомничените формирале група за изнуда, која на насилен начин и со закани изнудувала пари од менаџери и сопственици на бизниси. Дел од групата била задолжена и за палење објекти и автомобили, вклучувајќи пет спортски обложувалници и една сендвичара.
Групата се поврзува и со опожарување на возилата на вработените во затворската полиција. Тошковски истакна дека со оваа акција биле расветлени најмалку седум убиства, и дека акцијата открила дека нечесни полицајци помогнале на еден од осомничените, кој излегол од објектот само 10 минути пред влегувањето на полицијата.
Министерот порачал дека времето на криминалот е завршено.