Од 9 до 15 декември во Македонија се регистрирани 118 случаи на заболени од грип и болести слични на грип, што претставува зголемување од 34,1% во однос на претходната недела, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
Меѓу заболени, најголем дел се лица на возраст од 15 до 64 години (74), следуваат 20 лица над 65 години, 14 деца на возраст од 5 до 14 години и 10 деца под 4 години. Највисока инциденца е забележана кај децата до 4 години.
Заболувањата се пријавени во 13 Центри за јавно здравје, со најмногу случаи во Гостивар (27), Дебар (24) и Куманово (20). Во Скопје се пријавени 11 случаи, а помал број на заболени има во Кавадарци, Тетово, Неготино, Струмица, Охрид, Кратово, Прилеп, Кичево и Радовиш. Во повеќе региони активноста на вирусот е ниска, додека во Гостивар и Кратово се регистрира сезонска активност, а во Дебар средна активност.
Од почетокот на сезона 2024/2025, вкупниот број на случаи на грип и болести слични на грип изнесува 660.
До 50. недела од годината, вкупно 72.099 лица во Македонија се вакцинирани против грип, со бесплатни или комерцијални вакцини.