Македонија

Трошоците растат: Минималната кошница за декември повисока за 840 денари

Трошоците растат: Минималната кошница за декември повисока за 840 денари

Минималната синдикална кошница за декември 2024 година достигна 62.861 денар, што е за 840 денари повеќе во споредба со ноември, кога изнесуваше 62.021 денар. За семејства кои живеат во изнајмен стан од 60 квадратни метри, трошоците се уште повисоки, достигнувајќи 78.236 денари, информира Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според пресметките на ССМ, најголемиот дел од трошоците во синдикалната кошница отпаѓаат на храна и пијалаци – 23.075 денари или 36,7%. За облека и обувки потребни се 5.728 денари (9,1%), додека за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.020 денари (9,6%). Трошоците за лична хигиена изнесуваат 2.087 денари (3,3%), за здравје 1.135 денари (1,8%), а за транспорт 4.727 денари (7,5%).

За комуникации четиричлено семејство треба да одвои 3.417 денари (5,4%), за рекреација и култура 4.458 денари (7,1%), за образование 6.984 денари (11,1%), за ресторани и хотели 4.131 денар (6,6%), а за останати стоки и услуги 1.100 денари (1,7%).

Дополнителни 21.395 денари се неопходни за семејства кои живеат во изнајмен стан.

ССМ нагласува дека мерките на Владата за ограничување на маржите и намалување на цените на основните прехранбени производи дале минимални резултати. Во делот на храната и пијалаците, вредноста на синдикалната кошница за декември се зголемила за 41 денар во споредба со септември, и покрај најавеното намалување на цените.

Од ССМ алармираат дека трговците повторно го искористиле периодот пред примената на последната владина акција за зголемување на цените. Наместо да бидат намалени за најмалку 10%, трошоците за основните 63 производи во декември се зголемиле за дополнителни 397 денари.

– Сојузот на синдикатите на Македонија бара мерките да траат подолго, за Владата значително да придонесе за зачувување на животниот стандард на граѓаните, а следната мерка да биде без за истата да бидат информирани трговците и стопанствениците за да не направат повторно злоупотреби на грбот на граѓаните и работниците, стои во соопштението од ССМ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни