Македонија

Дурмиши: Построги мерки ако не се намалат цените на основните производи

Дурмиши: Построги мерки ако не се намалат цените на основните производи

Ако трговците не ја покажат неопходната општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се дел од „Новогодишната кошница“, Владата ќе донесе построги мерки, предупреди денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

На прес-конференцијата, Дурмиши најави дека екипите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се на терен и ги анализираат цените на основните прехранбени производи за изминатите три месеци. Овие анализи ќе бидат завршени за неколку дена, по што Владата ќе одлучи дали ќе воведе нови мерки, како ограничување на маржите или цените.

„Не е прифатливо трговците да ја надоместуваат ценовната разлика на производите од Новогодишната кошница преку зголемување на цените на други основни производи како лебот, млекото, шеќерот и кафето. Ако не ги намалат цените, ќе ги искористиме сите расположливи механизми за да го заштитиме стандардот на граѓаните,“ рече Дурмиши.

Министерот посочи дека „Новогодишната кошница“ стартувала успешно, со намалувања на цените до над 10% кај некои производи, но истакна дека овој тренд не се пренел на другите основни прехранбени производи, кои во меѓувреме поскапеле.

Дурмиши апелираше до производителите, дистрибутерите и трговците да покажат солидарност и да ги коригираат цените на најпотребните производи за време на празниците.

„Нема да дозволиме граѓаните да бидат изиграни во празничниот период,“ потенцираше министерот, додавајќи дека ДПИ ќе продолжи со вонредни инспекции и ќе има законска обврска за изрекување казни ако Владата одлучи за поригорозни мерки.

Според најавите, мерките би можеле да вклучуваат ограничување на цените на одредени производи за 10% од нивото што го имале во јули или август годинава.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни