МВР ја информира јавноста дека од средина на месец април (14.04.2025) официјално ќе започне со работа заедничката гранична контрола (One Stop Shop) на заеднички граничен премин Долно Блаце – Елез Хан.
Овој чекор претставува конкретна реализација на билатералната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово, со цел олеснување на прекуграничното движење, намалување на времето на чекање и зголемување на ефикасноста на граничните контроли.
Инаку и од Амбасадата на Република Косово во Скопје информираа дека новиот граничен режим меѓу Република Косово и Република Северна Македонија ќе биде операционализиран кон средината на април 2025 година. Продолжувањето за неколку дена е направено заради завршните технички и логистички подготовки на тимовите кои интензивно работат на имплементација на овој важен меѓудржавен договор.
Потсетуваме дека новиот граничен режим ќе се заснова на моделот „влез-влез“, каде контролите ќе се вршат само на влезот од соодветната државна полиција, додека полицијата ќе работи во заеднички објект. Неговата имплементација ќе се спроведува паралелно на граничните премини Хани и Елезит/Блаце и Глобочице/Јажинце. Овој модел се очекува да го намали чекањето и е во функција на олеснување на движењето на граѓаните на двете земји кои се повеќе патуваат во двете насоки.