Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска во изјава за медиуми рече дека според првичните информации причина за вчерашната сообраќајна несреќа во која загинаа три лица, а осум се повредени е неприлагодената брзина на патот.
– Во синоќешната сообраќајка, за жал, животот го загубија три лица. Согласно првичните информации што ги добив станува збор за огромна неприлагодена брзина на еден од учесниците кој, за жал, е починат, изјави Тошковски.
Бројот на сообраќајни жртви во првото тримесечје од годинава, според министерот, е отприлика сличен како минатата година, но како што оценува, бројките се катастрофални компарирано со европските стандарди.
– Во иднина максимално мора да се фокусираме кон поголемо смирување на сообраќајот од секој аспект, како и на имплементирање на проектот „Безбеден град“ на цела територија на државата, рече Тошковски.
Сообраќајната несреќа се случи вчера меѓу Кичево и селото Трапчин дол, а според првичните информации што ги даде портпаролот на СВР Охрид за ТВ21, во несреќата учествувале три возила.