Градското собрание на Лос Анџелес, во американската сојузна држава Калифорнија, беше осветлено во боите на македонското знаме – црвена и жолта – како симбол на сочувство и солидарност со жртвите од трагедијата што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Илуминатацијата започна синоќа во 20:00 часот и траеше до 6:00 часот изутрина по локално време.
Настанот, насловен како „Македонски ден на сеќавање“, беше организиран по иницијатива на градскиот советник Хуго Сото-Мартинез, кој преку својот профил на Фејсбук изрази длабоко сочувство за загубата на 62 животи и поддршка за македонскиот народ.

– Македонската заедница во Атвотер Вилиџ и пошироко низ Лос Анџелес, иако малубројна, е енергична и длабоко вкоренета уште од 1960-те години. Како град длабоко жалиме за загубените 62 животи во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ и ја изразуваме нашата солидарност со македонскиот народ во неговата борба за правда, исцелување и надеж за посветла иднина – напиша Сото-Мартинез.
Солидарност изрази и македонската православна црква „Пресвета Богородица“ од Лос Анџелес, која се заблагодари за гестот на локалната власт и подвлече дека „единството и сочувството меѓу луѓето не познаваат граници“.
– Оваа трогателна почит, која се оддава на три месеци од несреќата, ќе биде потсетник дека нашето единство и сочувство, дури и преку океаните, остануваат непоколебливи – стои во објавата на црквата.
На 16 јуни се навршија точно три месеци од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи во раните утрински часови и однесе 62 животи, а над 200 лица беа повредени. По истрагата, Основното јавно обвинителство поднесе обвиненија против 34 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.